Управниот одбор на ИСОС во текот на вчерашниот ден оствари средба со директорката на УЈП на која се дискутираше за продлабочување на соработката, како и за важноста од квалитетна едукација на сметководителите и даночните инспектори со цел целосна имплементација на Законот за вршење сметководствени работи и меѓународните сметководствени стандарди.
Борбата против сивата економија, зголемување на даночниот рејтинг на компаниите, како и унапредувањето на соработката помеѓу сметководителите и даночните инспектори и нивна заедничка едукација беа дел од темите кои се дискутираа на средбата. ИСОС информираше за досегашните преземени активности за имплементација на Законот за вршење на сметководствени работи, со посебен фокус на ажурирањето на регистри и размената на податоци со Централниот регистар. Посочено беше дека оваа активност имаше значаен придонес за елиминирање на работењето во т.н сива зона што креираше нелојална конкуренција во сметководствената професија, а со тоа и кон намалување на нејзината вредност.
Исто така, ИСОС информираше за потребните следни чекори поврзани со подготовките за целосна примена на меѓународните сметководствени стандарди кои ќе придонесат кон појасно следење на финансиските текови во земјата. Претставниците на ИСОС и УЈП изразија силна намера за продлабочување на соработката и ја истакнаа потребата од заедничка едукација на сметководители и даночните инспектори во насока на подигнување на разбирањето и партнерството помеѓу инспекторите и сметководителите. ИСОС потенцираше дека УЈП е значаен партнер на сметководителите и ја има поддршката за спроведување на процеси за унапредувањето на дигиталните услуги.
На средбата се дискутираше и за активностите кои ќе се преземат, а се поврзани со размена на податоците на ИСОС со УЈП во насока на успешно спроведување на прописите на сметководството и законот за вршење на сметководствените работи.
ИСОС и УЈП во наредниот период ќе ја формализираат соработка преку потпишување на Меморандум за соработка за натамошно унапредување на партнерството помеѓу двете институции.
Скопје, 23 јули 2024