Начин на пријавување за учество на првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители во РСМ
Почитувани колеги,
Како што веќе најавивме, ИСОС и нашата земја се домаќини на првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители „Сметководството во регионот – трендови, предизвици, стандарди и перспективи“, што ќе се одржи на 28 март 2024, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Покрај претставници од релевантни институции и организации, како и бројни домашни, регионални и меѓународни експерти од областа, на конференцијата ќе биде овозможено да присуствуваат и 300 сметководители од нашата земја.
Нагласуваме дека поради ограничениот број на места во салата каде ќе се одржува конференцијата, присуството на настанот ќе биде овозможено само со претходно пријавување. Пријавувањето ќе биде по принципот „Прв пријавен-прв услужен“, а ќе се одвива преку електронски модул за пријавување што ќе биде објавен на оваа веб-страница (isos.mk) во понеделник, 25.03.2024. Пријавувањето ќе трае се до исполнување на предвидениот број од 300 учесници.
Инаку, главната цел на оваа конференција, која ќе се одржува под мотото „Во бројките веруваме (In numbers we trust)”, е да се иницира дискусија со која ќе се зголеми свесноста во општеството за актуелната состојба, предизвиците и перспективите за развој на сметководствената професија во нашата земја, имајќи ги предвид искуствата на земјите во регионот, ставовите и препораките на експертите, претставниците на институциите и на бизнисот.
Во рамки на конференцијата планирано е да се одржат три панел-дискусии посветени на патот до членство во Интернационалната федерација на сметководители (IFAC), за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во регионот, како и за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во Македонија. Конференцијата е планирано да ја отворат: Претседателката на ИСОС – Весна Прентоска, Претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија – Горан Рафајловски и Министерот за финансии – Фатмир Бесими.
Деталната агенда на конференцијата ќе биде објавена дополнително.
Со почит,
Управен одбор на ИСОС 21 март 2024