Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), согласно одредбите и надлежностите од Законот за вршење на сметководствени работи, усвои Правилник за контрола на квалитетот на работењето на сите лиценцирани правни лица кои вршат сметководствени услуги (трговец поединец-сметководител, трговец поединец-овластен сметководител и на друштвата за вршење сметководствени работи). Со овој Правилник се уредува начинот и процедурите според кои ќе се извршува оваа контрола, која може да биде теренска и вонтеренска.
За извршување на вонтеренската контрола, Управниот одбор на ИСОС усвои Годишен прашалник за контрола на квалитет, како и упатство за негово правилно пополнување. Овој прашалник ќе биде доставен по електронска пошта до сите правни лица за вршење сметководствени услуги и треба задолжително да биде пополнет, најдоцна до 31 март 2025 година.
Дополнително, почнувајќи од јануари 2025, врз основа на усвоениот акциски план, ќе започне и теренската контрола на квалитет што ќе ја спроведуваат стручните служби на ИСОС, согласно методологијата за работа усвоена од страна на Управниот одбор на Институтот Клучната цел на контролата на квалитетот на работата на правните лица кои вршат сметководствени услуги е да ги поддржи и да им помогне во воспоставувањето, одржувањето и подобрувањето на соодветното ниво на квалитет на нивната работа. Со тоа се овозможува натамошно унапредување и усовршување на сметководствената професија, а со тоа и на квалитетот на финансиското известување во нашата земја, согласно начелата на законито и правично работење и критериумите кои се дел од Меѓународниот кодекс на етиката за професионалните сметководители.
Контролата на квалитет на вршењето на сметководствените услуги ќе обезбеди темелен преглед на состојбите во сметководствената професија, а ИСОС, согласно своите надлежности, ќе понуди стручна поддршка на правните лица, во форма на насоки и упатства за евентуално надминување на утврдените недостатоци при контролата, како и предизвиците во нивното работење.
Со воспоставување на функцијата за контрола на квалитетот, Институтот дејствува во јавен интерес и во правец на зајакнување на довербата во услугите кои ги обезбедуваат професионалните сметководители – членови на ИСОС.
Сите ваши прашања поврзани со процесот на контрола на квалитет, ве молиме да ги упатите преку е-пошта на: komisija.isos@isos.com.mk. Стручните служби по електронски пат ќе ви достават одговор на сите ваши прашања и барања за информации во рок од 48 часа од добивањето на барањето.
Со почит, Скопје, 20.12.2024
ИСОС