Јакнење на меѓусебната соработка преку искористување на целокупното расположиво знаење и искуство на двете организации, во насока на поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и делување, се главните цели кои треба да се остварат со Меморандумот за соработка помеѓу Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), што го потпишаа претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова Штериева.
Потпишаниот Меморандум ја поставува рамката на идната соработка помеѓу двете организации преку која треба да се овозможи поддршка на процесите за натамошно унапредување и развој на сметководствената професија во нашата земја и потенцирање на нејзиното значење во банкарскиот и целокупниот бизнис сектор. Особен акцент во идната соработка ќе биде ставен и на активностите кои треба да овозможат правилна имплементација на меѓународните стандарди за финансиско известување.
Соработката на која со потпишаниот Меморандум меѓусебно се обврзаа МБА и ИСОС треба да се реализира преку организирање на семинари, панел дискусии и стручни работилници на кои ќе се разгледуваат практични примери и предизвиците при примената на Меѓународните сметководствени
стандарди. Двете организации се договорија дека ќе формираат и заеднички работни тела кои ќе работат на навремено, ефикасно ажурирање на следните измени во меѓународните стандарди и нивна имплементација.
Целосното соопштение на следниов линк.
Скопје, 26 септември 2024