10.11.2024 - In СООПШТЕНИJA

Почитувани колеги,

 

Со особена чест и задоволство, лично и од името на Институтот на сметководители и овластени сметководители, на сите сегашни и поранешни членови на Институтот, како и на сите кои се дел од оваа професија и на различни начини придонесуваат за нејзиниот развој и етаблирање во општеството, ви го честитам 10. Ноември – Меѓународниот ден на сметководството и ви посакувам добро здравје, благосостојба и натамошен напредок и просперитет во професијата.

 

Институтот на сметководители и овластени сметководители и во наредниот период, со иста енергија и посветеност како досега, ќе продолжи да се залага и да придонесува кон креирање на поволен амбиент за унапредување и натамошен развој на сметководствената професија во нашата земја и нејзино издигнување на исто рамниште со развиените земји.

 

Ваквиот развој може да се оствари само доколку сите ние кои сме дел од оваа професија, преку сопственото делување и заложби, доследно ги почитуваме законските прописи и принципите за интегритет, објективност, професионална компетентност, доверливост и професионално однесување, кои се составен дел на Меѓународниот кодекс за етика на професионалните сметководители.

 

Убедена сум дека со доследна примена на етичките принципи и меѓународните сметководствени стандарди, како и со јасна институционална поддршка и конструктивен, аргументиран дијалог, меѓусебно почитување и соработка со сите засегнати страни и релевантни чинители, сметководителите и професијата во целина ќе го добијат местото во нашето општество кое несомнено го заслужуваат и истовремено ќе ги постават темелите на развојот за следните генерации кои во оваа дејност ќе гледаат атрактивна и просперитетна професија.

 

Се разбира, за да се овозможи натамошно унапредување на работата на сметководителите и да се издигне значењето и вредноста на оваа професијата во општеството, неопходно е и понатаму да ги негуваме постојните и да градиме нови партнерства со институциите, образовните и научните установи, како и со релевантни меѓународни и домашни организации и експерти, кои со своето знаење и искуства можат да ни помогнат во остварување на нашата цел.

 

Патот кон нејзиното остварување не е лесен, но уверена сум сите ние заедно имаме желба, знаење и сила да го изодиме, успешно совладувајќи ги сите попатни предизвици.

 

Нека ни е среќен и честит Денот на сметководството!

 

Весна Прентоска
Претседател на ИСОС                                                                                                        Скопје, 10 ноември 2024

Институтот е независна, неполитичка и непрофитна организација, во која членуваат сметководители и овластените сметководители, без оглед на нивната национална, верска, расна и друга припадност.

Контакт и локација

Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.20, деловна зграда на Аутомакедонија, кат 2 (до главна дирекција на Макпетрол)
+389 (0)2 3200030

Контакт и локација

Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.20, деловна зграда на Аутомакедонија, кат 2 (до главна дирекција на Макпетрол)
+389 (0)2 3200030
ИСОС © 2023. Сите права задржани.