СООПШТЕНИЕ
Најава за првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители во РСМ
Почитувани колеги,
Со големо задоволство би сакале да ја најавиме првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители „Сметководството во регионот – трендови, предизвици, стандарди и перспективи“, што ќе се одржи на 28 март 2024 (четврток), во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Организатор на Конференцијата е нашиот Институт за сметководители и овластени сметководители.
На конференцијата, што ќе се одвива под мотото „Во бројките веруваме (In numbers we trust)” очекуваме да земат учество околу 300 сметководители, а меѓу поканетите гости и говорници се и претставници на релевантни институции, организации и компании од нашата земја, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.
Како што е наведено и во името на конференцијата, клучната цел за нејзиното одржување е да поттикнеме дискусија за предизвиците, актуелната состојба и перспективите за развојот на сметководствената професија во нашата земја, имајќи ги предвид искуствата на нашите колеги од земјите во регионот и ставовите на експертите.
Во рамки на конференцијата планирано е да се одржат три панел-дискусии: (1) Патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC); (2) Сметководството во регионот; и (3) Перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во РС Македонија.
За настанот не е предвидено плаќање на котизација, но поради ограничениот број на места во салата каде ќе се одржува конференцијата, присуството на настанот ќе биде овозможено само со претходно пријавување. За начинот на пријавување, како и за останатите детали околу конференцијата, дополнително ќе ве информираме.
Со почит,
Управен одбор на ИСОС 18 март 2024