Меѓународните сметководствени стандарди објавени во Службен весник
Министерството за финансии и официјално ги прифати Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ) и за финансиско известување за мали и средни субјекти (МСФИ за МСС), по што денеска (3 април 2024) тие се објавени во Службен весник на РСМ, број: 75/24. По ова, следува период во кој сите професионални сметководители во нашата земја треба да се запознаат и да се подготват за нивната примена.
На одлуката за прифаќање и објавување на меѓународните сметководствени стандарди им претходеше период во кој тие беа успешно преведени од англиски на македонски јазик од страна на ИСОС, по што на крајот на минатата година Фондацијата за меѓународни стандарди за финансиско известување (IFRS) и официјално ја одобри нивната македонска верзија.
Инаку, примената на меѓународните сметководствени стандарди и правила значително ќе придонесе за натамошно унапредување на сметководствената професија во нашата земја и нејзино издигнување на исто рамниште со земјите во регионот, во ЕУ и глобално.
Истовремено, воведувањето и употребата на овие стандарди ќе обезбеди конзистентност на финансиските извештаи на домашните компании со оние што се изготвуваат на глобално ниво, што секако е исклучително значајно за нашиот бизнис сектор, бидејќи со тоа се зголемува неговата ефикасност и конкурентност, креирајќи нови можности за инвестиции и соработка во глобални рамки. Дополнително, од нивната имплементација ќе има придобивки и државата, затоа што тоа ќе придонесе за подобра и поефикасна наплата на даноците, како и професионално исполнување на даночните обврски од страна на деловните субјекти.
Скопје, 3 април 2024
ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИН НА ВОДЕЊЕ СМЕТКОВОДСТВО Сл.весник бр.75/2024 од 3 април 2024 година