Почитувани колеги,
За краток временски период од почетокот на процесот на електронско пријавување за присуството на првата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители „Сметководството во регионот – трендови, предизвици, стандарди и перспективи“, што ќе се одржи утре, 28 март 2024, во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, исполнет е предвидениот број на учесници – членови на ИСОС, кои ќе можат да присуствуваат на настанот.
За жал просторните услови и ограничениот број на места во салата каде ќе се одржува конференцијата не овозможуваат сите заинтересирани членови на ИСОС да присуствуваат на настанот. Оттаму, за да им се овозможи на сите сметководители и овластени сметководители – членови на ИСОС, да ги проследат дискусиите што ќе се одвиваат на конференцијата, ќе биде обезбеден видео материјал (снимка) што ќе биде прикачен на оваа веб-страница (isos.mk) по нејзиното одржување.
Инаку, дискусиите во рамки на конференцијата, која ќе се одржува под мотото „Во бројките веруваме (In numbers we trust)”, се организирани во три панели. Првата панел-дискусија ќе биде посветена на патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), како една од главните стратешки цели на ИСОС. Во вториот конференциски панел, претставниците на организациите на професионалните сметководители од регионот ќе имаат можност да дискутираат за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во нивните земји, а на третиот панел, претставници на деловната заедница, сметководители и домашни и меѓународни експерти од областа, ќе дебатираат за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во РС Македонија. Воведни излагања на конференцијата ќе имаат: претседателката на ИСОС Весна Прентоска, претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија Горан Рафајловски и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Со почит,
Управен одбор на ИСОС 26 март 2024