Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Институтот на сметководители и овластени сметководители

Интензивирање на соработка во вршењето на законските надлежности од својот делокруг, како и размена на податоци и искуства меѓy двете институции заради натамошен развој на капацитетите на ревизорската и сметководствената професија во нашата земја, е главната цел која треба да се постигне со Меморандумот за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија (ДРЗ) и Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС), што денеска го потпишаа Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски и претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Меморандумот предвидува реализација на голем број активности, почнувајќи од континуирана размена на информации, податоци и искуства, преку организирање заеднички обуки и учество во научни и апликативни проекти и студиски посети, па сѐ до соработка и координација во процесот на изготвување на предлог-документи за развој на сметководствената и ревизорската професија.
„Државниот завод за ревизија постојано се залага за унапредување на професионалните стандарди во областа на ревизијата и управувањето со јавните средства. Потпишувањето на овој меморандум претставува значаен чекор во зајакнувањето на партнерството со ИСОС, со цел да се постигнат уште поголеми резултати во заедничкиот интерес – транспарентност, отчетност и квалитет во финансиското известување“, изјави Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски.
Посебен акцент во соработката двете институции ќе стават на размената на знаења и искуства во имплементацијата на Меѓународните стандарди за финансиско известување и Меѓународните стандарди за финансиско известување за мали и средни субјекти, како и на подобрување на ефикасноста и ефективноста во работењето на своите членови и вработени.
Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум, претседателката на ИСОС Весна Прентоска, истакна: „Оваа соработка ќе ни овозможи да ги обединиме силите и знаењата во промовирање на меѓународните стандарди за финансиско известување и ревизија, како и во поддршка на континуираниот професионален развој на нашите членови. Сигурна сум дека заедничките иницијативи ќе донесат долгорочни придобивки за професијата, но и за државата, националната економија и општеството во целина“.
Првите луѓе на ДРЗ и ИСОС заеднички оценија дека ова партнерство претставува значаен чекор кон подобрување на професионалните практики и креирање додадена вредност во работењето на двете институции.
Скопје, 14 февруари 2025
Previous ПРОГРАМА ЗА ДВОДНЕВНО КОНТИНУИРАНО ПРОФЕСИОНАЛНО УСОВРШУВАЊЕ ЈАНУАРИ – ФЕВРУАРИ БР.1/2025 – 16 ЧАСА
Институтот е независна, неполитичка и непрофитна организација, во која членуваат сметководители и овластените сметководители, без оглед на нивната национална, верска, расна и друга припадност.

Контакт и локација

Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.20, деловна зграда на Аутомакедонија, кат 2 (до главна дирекција на Макпетрол)
+389 (0)2 3200030

Контакт и локација

Ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.20, деловна зграда на Аутомакедонија, кат 2 (до главна дирекција на Макпетрол)
+389 (0)2 3200030
ИСОС © 2023. Сите права задржани.