Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) e независна, неполитичка, непрофитна, професионална организација во која членуваат сите активни сметководители и овластени сметководители во нашата земја. Од донесувањето на новиот Закон за вршење на сметководствени работи во 2022 година, ИСОС започна со низа активности и значајни процеси за зајакнување и унапредување на сметководствената професија. Еден од клучните процеси беше преводот на најновите меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ) кои не беа ажурирани во македонскиот финансиски систем од 2009 година. Дополнително, ИСОС спроведе и обемен процес на ажурирање на податоците за членовите, со цел јасно утврдување на бројот на правни и физички лица кои вршат сметководствени работи во земјата. Како резултат на тој процес, ИСОС изврши размена на податоци со Централниот регистар, што сега стана редовна пракса која придонесува кон намалување на нелојалната конкуренција и „сивата“ економија во секторот. Од Институтот најавија амбициозна програма за работа и во текот на оваа година, а за клучните приоритети и предизвици во нејзиното спроведување разговаравме со претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.
Кои се клучните приоритети од Програмата на Институтот за 2025-та година и што можат сметководителите и финансиските институции да очекуваат од ИСОС оваа година?
Прентоска: Една од главните наши заложби во текот на оваа година ќе биде целосната имплементација на ажурираните меѓународни стандарди за финансиско известување (МСФИ), за што ќе биде потребна целосна посветеност на институциите, бизнис секторот и академската заедница, како и, се разбира, на самите сметководители и овластени сметководители. Би сакала да појаснам дека процесот на превод на МСФИ што ИСОС го спроведе, како и нивната имплементација, треба да придонесат кон намалување на јазот во областа на финансиското известување на земјава, во споредба со земјите од регионот и пошироко. Овој јаз ги изложуваше компаниите со странски капитал во земјата да креираат дополнителни финансиски извештаи според стандардите кои важеа во земјата, а домашните компании изготвуваа финансиски извештаи по неажурирани стандарди, што придонесуваше за намалена конкурентност на домашната економија. Оттука, особено значајно за нас како Институт, во текот на оваа година, е да работиме заеднички со сметководителите, претставниците на државните институции, академската заедницата и бизнис секторот на имплементација на стандардите. Овој процес ќе бара напорна работа од сите засегнати страни, но сметам дека премногу долго професијата е во застој и ќе биде неопходно да чекориме брзо и одлучно за да го стигнеме нивото на кое се останатите земји од регионот, како и на развиените земји. Дополнително, ваквите решителни чекори ќе ѝ помогнат и на македонската економија, имајќи предвид дека сметководителите се клучната алка помеѓу државата и стопанството. Од нашата работа зависи и ефективноста на даночниот систем, а од финансиските податоци, параметри и извештаи зависи креирањето на успешни економски политики. Токму затоа, ИСОС е посветен и на подигнување на квалитетот на сметководствените услуги, за што од оваа година започнуваме со спроведување на процес на контрола на квалитет, во кој целта е да се обезбеди стручна поддршка на сметководствените бироа. Исто така, една од главните цели на Институтот и оваа година останува унапредувањето на системот на континуирана едукација и стручно усовршување на сметководителите, што неминовно ќе влијае на натамошно унапредување на квалитетот на сметководствените услуги во земјата. Покрај ова, од оваа година ИСОС ќе започне и со реализација и спроведување на испит, што е законска обврска во процесот на издавање лиценци за сметководители и овластени сметководители. Ќе продолжиме и со интензивната регионална и меѓународна соработка, како и со активностите за зголемување на атрактивноста на сметководствената професија. Со оглед на тоа дека сметководството како професија во земјата сѐ повеќе старее, односно имаме зголемен одлив на членови поради пензионирање, ИСОС преку соработка со академската заедница оваа година ќе разработи и програми за пракса на студентите, регистар на сметководствени приправници, како и разработка на планови за користење на алатки за дигитализација во сметководствената работа. Со тоа, како и со ред други активности, се надевам дека интересот за сметководствена работа кај младите луѓе сѐ повеќе ќе се зголемува, а ние ќе се обидеме да ги доближиме придобивките на професијата до нив.
Ги споменавте ажурираните меѓународни стандарди за финансиско известување кои треба да започнат да се применуваат оваа година. Што ќе донесе овој процес во практичната работа на сметководителите и нивната комуникација со финансиските институции?
Прентоска: ИСОС преку партнерски однос и дијалог со сите институции кои се надлежни за имплементација на стандардите, веќе отпочна со реализација на конкретни активности кои треба да го олеснат нивното спроведување. Во координација со Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија, организиравме работна средба на сите засегнати страни, односно компаниите, странските инвеститори, банките, академската заедница, лиценцираните правни лица за спроведување обуки за континуирано професионално усовршување на сметководителите, како и со претставниците на сметководствените бироа. На таа средба дискутиравме за предлози за ефикасна имплементација на стандардите, во смисла на актите кои се пропишани од институциите кои се неопходни за финансиското известување, а за кои е потребно да се изврши усогласување со ажурираните меѓународни стандарди. Предлозите ги испративме до Министерството за финансии со кое имаме дијалог и соработка во врска со начинот на имплементација на стандардите. Често во разговори и со сметководителите повторувам дека апсолутно нема потреба за загриженост кај фелата или во бизнис заедницата, бидејќи се работи за промени кои не се нови и непознати во работата на сметководителите и верувам дека нема да биде предизвик да се применуваат. Точно е дека каскаме во овој сегмент повеќе од 13 години, но ако сакаме да комуницираме на јазик разбирлив за секој, во делот на бројките и финансиските извештаи, треба да излеземе од зоната на комфорот и да фатиме чекор со професијата. Би сакала и да истакнам дека тие веќе се применуваат во банкарскиот сектор, а Советот на Народната банка на крајот од 2024 година усвои и измени на регулативата за усогласување со ажурираните меѓународни стандарди. Исто така, важно е да се напомене дека процесот на усогласување на финансиското известување со начинот на кој известуваат компаниите во развиените земји и регионот придонесува и кон зголемена конкурентност на домашните компании, како и кон поголема предвидливост за странските инвеститори. Впрочем, преводот и имплементацијата на меѓународните стандарди за финансиско известување беше и едно од барањата на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора. Оттука, процесот е исклучително значаен за развојот на домашната економија, за зголемување на нејзината атрактивност за инвеститорите од странство, како и за издигнување на сметководствената фела на општественото ниво кое го заслужува. И во наредниот период, ИСОС ќе остане посветен на дијалогот со институциите, сметководителите, компаниите и академската заедница, заради целосна и ефикасна имплементација на стандардите.

Годината ја започнувате со нова седница на Собранието на ИСОС. Кои се клучните одлуки кои ќе треба да ги усвојат делегатите на оваа седница која е најавена за први февруари?
Прентоска: На оваа седница членовите на Собранието на ИСОС ќе имаат можност да дискутираат за предлог-одлуки кои се однесуваат на јакнењето на организацијата, нејзините програмски цели, но пред сѐ на клучната заложба на ИСОС, а тоа е имплементација на стандардите и исполнување на условите за членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC). На претходната седница на Собранието дискутиравме за аспектите кои се неопходни за одржливо функционирање на Институтот, во смисла на остварување на клучните цели и ефикасното застапување на интересите на фелата. Врз основа на препораките на Собранието, управниот одбор на ИСОС направи анализа на економските фактори кои влијаат врз работата на Институтот. Во таа насока, ги погледнавме и анализиравме сите фактори и параметри кои влијаат на работата на ИСОС, како и оние фактори од кои зависи износот на законски утврдената членарина која ја плаќаат сметководителите и овластените сметководители, како и трошоците кои ги имаат правните лица кои вршат сметководствени работи. Оттука, најнапред утврдивме дека сметководителите и овластените сметководители кои работат во фирмите кои вршат сметководствени услуги веќе плаќаат индивидуални членарини, па затоа предлагаме овие правни лица да се ослободат од плаќање членарина. Понатаму, утврдивме дека износот на годишната членарина на сметководителите и овластените сметководители не е променет од 2017 година, додека социоекономскиот контекст, како и регулативата за сметководствената професија во меѓувреме се значајно променети. Факторите, како што се растот на трошоците за живот и растот на платите во овој седумгодишен период, имаат значајно влијание врз исполнување на програмските цели и законските надлежности на ИСОС. Но, најголемо влијание има фактот што бројот на членови на ИСОС е намален за 40%, што во голем дел се должи на пензионирање на сметководителите и овластените сметководители. Во меѓувреме, како што истакнав, спроведуваме низа активности за зајакнување на квалитетот на сметководствената услуга и ја прошируваме регионалната и меѓународната соработка. Сепак, клучниот аспект по кој се водевме за предлог-одлуката за висината на членарината е да не создадеме финансиски товар врз членовите и усогласувањето да биде оптимизирано, односно износот на членарината што ќе го плаќаат сметководителите да биде 200 денари месечно, а овластените сметководители 500 денари месечно.
Едукацијата и континуирано професионално усовршување е законска обврска за сметководителите, која тие мора да ја исполнат за да ја задржат лиценцата. Какви активности презема Институтот за подигнување на квалитетот на едукацијата?
Прентоска: Континуираната едукација на сметководителите е од исклучителна важност, бидејќи оваа професија, знаете, не функционира со правила кои важат засекогаш, туку е динамична и е неопходно постојано да се следат промените и меѓународните практики. На пример, сега е особено актуелна примената на ЕСГ-стандардите во сметководството, како и употребата на вештачката интелигенција во финансиското известување, па ние ќе мораме да бидеме подготвени да учиме како тие процеси да се применуваат и во нашата работа. Поради долгиот вакуум период од 13 години, во кој не се применуваа и ажурираа меѓународните стандарди за финансиско известување во нашата земја, имаме пад на продуктивноста и квалитетот на сметководствените услуги. Денешното значење на сметководствена услуга е многу променето и неопходно ќе биде во наредниот период да се вложат напори за да се надомести пропуштеното. Сакам да кажам, квалитетната едукација на сметководителите влијае на нивната конкурентност и генерално на подигнување на квалитетот на услугите кои ги нудат. За да може да се следат новите практики, но и да се ангажираат странски и домашни експерти во овој сегмент, неопходни се вложувања, а особено во овој период на транзиција, кога започнуваме со примена на меѓународните сметководствени стандарди, после 13 години тапкање во место. Ние во ИСОС, преку дијалог со лиценцираните правни лица за обуки, утврдивме правила за начинот на спроведувањето на едукацијата и сите сме согласни дека потребни се чекори за унапредување на квалитетот на обуките. Треба исто така да се има предвид дека во моментов ние имаме најниска цена за час обука во целиот регион, што едноставно не овозможува да се следат зацртаните цели за тоа каква треба да биде едукацијата, а истовремено не можат да се следат ниту потребите на сметководителите и областите на нивниот професионален интерес. Затоа, на претстојната седница на Собранието на ИСОС ќе дискутираме и за усогласување на цената за час едукација, пред сѐ поради тоа што дел од едукацијата треба да бидат и стандардите, како и примената на Меѓународниот кодекс на етика за сметководители, за што ќе биде неопходно лиценцираните правни лица да ангажираат странски и домашни експерти. Истовремено, ние во континуитет разговараме со меѓународните и регионалните партнери за продлабочување на соработката во делот на едукацијата. Во рамки на тие напори беше организирана и работилница од страна на ИСОС, во партнерство со Центарот за реформа на финансиското известување на Групацијата на Светска Банка, наменета за сметководителите, претставници на институциите и лиценцираните правни лица за вршење обуки на сметководители, со фокус на примената на меѓународните стандарди за финансиско известување. Со реализацијата на ваквите активности планираме да продолжиме уште поинтензивно во наредниот период.