Јакнење на меѓусебната соработка преку искористување на целокупното расположиво знаење и искуство на двете организации, во насока на поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и делување, се главните цели кои треба да се остварат со Меморандумот за соработка помеѓу Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА), што го потпишаа претседателката на ИСОС, Весна Прентоска и претседателката на МБА, д-р Маја Стевкова Штериева.
„Правилната примена на најновите меѓународни стандарди за финансиско известување има големо значење за економијата, затоа што со тоа се подобрува ефикасноста и конкурентноста на деловните субјекти и нивното кредитно портфолио, а истовремено креира придобивки и за државата, затоа што овозможува подобра контрола на сите финансиски текови и намалување на даночната евазија. Домашните банки веќе ги преминуваат овие стандарди, а сега преку оваа соработка и партнерство со ИСОС, добиваат можност да ги споделат своите добри практики и искуства во оваа област и со сметководителите и финансовите менаџери во останатите деловни субјекти во земјава“, истакна претседателката на Македонската Банкарска Асоцијација, д-р Маја Стевкова Штериева.

Искажувајќи задоволство од потпишаниот Меморандум за соработка, претседателката на Институтот за сметководители и овластени сметководители, Весна Прентоска изјави:
„Ова партнерство помеѓу нашиот Институт и Македонската Банкарска Асоцијација претставува значајна поддршка на тековните процеси за развој на сметководствената професија во нашата земја. Со него ИСОС, а преку тоа и неговите членови, а тоа се сите лиценцирани професионални сметководители во нашата земја, добиваат дополнителни можности и пристап до висококвалитетно знаење и практичните искуства на банките при примената на меѓународните стандарди за финансиско известување. На ваков начин дополнително се истакнува и јакне улогата на сметководителите во целосното, точно и објективно евидентирање на деловните настани во книгите на економските агенти, што во крајна линија придонесува оваа професија да го заземе местото во општеството кое го заслужува“, заклучи Прентоска.