Статут

Врз основа на член 4, став 6 и член 7, став 2, алинеја 1 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 95/12), (во понатамошниот текст Закон) Собранието на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, на седницата одржана на ден 21.07.2016 година, донесе

С Т А Т У Т

на Институтот на сметководители и овластени сметководители

на Република Македонија

  1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут се уредуваат името и седиштето, организацијата, составот, управувањето, начинот на избор, надлежностите, правата и обврските на органите и  комисии на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (во понатамошниот текст: Институт), правата и обврските на членовите на Институтот, дисциплинската постапка и дисциплинските мерки,  јавноста  во работењето, финансирањето, начинот на изменување и дополнување на овој статут, престанок на работењето на Институтот и други прашања од значење за работењето на Институтот.

Член 2

(1)Институтот е професионално здружение на сметководители и овластените сметководители основано согласно Законот за вршење на сметководствени работи.

(2)Институтот се основа со цел унапредување на сметководствената професија и организирано делување на сметководителите и овластените сметководители на територијaта на Република Македонија.

(3) Институтот е независна, неполитичка и непрофитна организација, во која членуваат сметководители и овластените сметководители, без оглед на нивната национална, верска, расна и друга припадност.

(4)Институтот има својство на правно лице. Статусот на правно лице го стекнува со уписот во Регистарот на други правни лица кој се води кај Централниот регистар на Република Македонија.

 

  1. НАЗИВ И СЕДИШТЕ

 Член 3

(1)Институтот својата дејност ја врши на територијата на Република Македонија под називот: „Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија”.

(2) Скратениот назив на Институтот гласи: „ИСОС”.

(3)Називот на Институтот на англиски јазик е: „Institute of Accountants and Certified Accountants of the Republic of Macedonia“, а кратенката гласи: „IACA“.

(4)Седиштето на Институтот е во Скопје, на ул. „Ѓуро Стругар “ бр.5

 

    3. ПЕЧАТ И ШТЕМБИЛ

Член 4

(1)Институтот има свој знак-лого, печат, штембил и жиг.

(2)Содржината, обликот и начинот на користење на знакот (логото) на Институтот ќе се уредат со општ акт донесен од Управниот одбор на Институтот.

(3)Печатот на Институтот е со тркалезна форма со пречник 35 мм, и го содржи следниот текст напишан на кирилица: Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија – Скопје, а на средината на печатот е испишан скратениот назив: ИСОС.

(4)Штембилот на Институтот е во правоаголна форма со димензии 45 х 30 мм, на кој е испишан текстот на кирилица: Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија – Скопје, празен простор за деловоден број и датум на актот што се прима или испраќа и во последниот ред стои: Скопје.

(5) Жигот на Институтот е со тркалезна форма со пречник 38мм, на кој е испишан текстот на кирилица: Институт на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија – Скопје, а на средината на печатот е испишан скратениот назив: ИСОС.                                                                                                                                                       

(6) Формата и содржината на другите печати и штембили на Институтот,  начинот на нивната употреба, како и ракувањето со печатите, штембилите и жигот на Институтот ќе се уредат со општ акт донесен од Управниот одбор на Институтот.

 

  1. ЈАВНОСТ НА РАБОТАТА НА ИНСТИТУТОТ

Член 5

(1)Работата на Институтот е јавна.

(2)Јавноста во работењето на Институтот се обезбедува преку информирање на членовите, информирање на јавноста преку медиумите, и други форми на информирање.

(3) Актите и податоците од регистрите и извештаите на Институтот се објавуваат на интернет страницата на Институтот, согласно Законот за вршење на сметководствени работи.

(4)Лицето кое е овластено за претставување на Институтот или друго  овластено лице за давање информации за јавноста, е одговорно за нивната вистинитост.               

 

  1. РАБОТИ И ЗАДАЧИ НА ИНСТИТУТОТ

Член 6

(1)Институтот во согласност со Законот за вршење на сметководствени работи (во натамошниот текст: Законот) ги врши следниве работи и задачи:

1) организира и спроведува испит за стекнување на уверение за сметководител односно  уверение за овластен сметководител,

2) издава уверение за сметководител и уверение за овластен сметководител,

3) издава и одзема лиценци за работа на трговците поединци – сметководители,  трговците  поединци - овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи,

4) одлучува по барањата за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,

5) организира и спроведува испит за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,

6) организира и спроведува обука за континуирано професионално усовршување во соработка со други правни лица кои вршат стручно усовршување и едукација од областа на сметководството, финансиите или даноците

7) ја следи примената на Кодексот на етика за професионални сметководители на IFAC,

8) ги преведува МСФИ и МСФИ за МСС,

9) води Регистар на сметководители, Регистар на овластени сметководители, Регистар на трговци поединци-сметководители, Регистар на трговци - поединци овластени сметководители и Регистар на друштва за вршење сметководствени работи,

10) врши контрола  на  работењето на вршителите на сметководствени работи, трговците поединци - сметководители и трговците поединци - овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи,

11) организира и спроведува проверка од областа на законската регулатива на Република Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи при одобрување на квалификација за овластен сметководител стекната во странство

12)ги следи прашањата кои се од интерес за уредување, положбата и работата на сметководствената професија и дејност,

13) ги промовира професионалните интереси на сметководствената професија,

14) се грижи за угледот на сметководствената професија

15) воспоставува и развива соработка со други соодветни професионални тела во Република Македонија и во странство,

16) соработува со надлежните органи на Република Македонија при донесување на акти од областа на сметководството и сметководствената професија и

17) врши други работи утврдени со закон, подзаконски акти, овој Статут и другите акти на Институтот.

 

   6. ЧЛЕНСТВО, ПРАВА, ОБВРСКИ И ОДГОВОРНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ИНСТИТУТОТ

 Член 7

Член на Институтот е секое лице кое се стекнало со уверение за сметководител или овластен сметководител кое со писмена изјава пристапило во Институтот.

Член 8

Членовите на Институтот го чуваат и унапредуваат угледот на сметководствената професија и на Институтот, совесно и професионално постапуваат во извршување на своите задачи пропишани со закон, и ги извршуваат своите обврски кон Институтот и неговите органи и комисии.

 Член 9

Членовите на Институтот ги остваруваат своите права и обврски непосредно и преку претставници од својата подружница во органите и комисиите на Институтот во согласност со член 18 од овој статут.

Член 10

(1)Секој член на Институтот има право:

1)да учествува во работата на Институтот,

2)да се запознае со содржината на актите на Институтот,

3)да биде избран за член на орган или комисија на Институтот,

4) да учествува во изборот на претставниците од својата подружница,

5) да дава иницијативи за остварување на работите и задачите на Институтот

6) да биде информиран за работата на сите органи и комисии на Институтот и

7) на други права утврдени со Законот,  Статутот и актите на Институтот.

(2) Секој член на Институтот е должен:

1)да учествува во работата на  Институтот,

2) континуирано професионално да се усовршува во согласност со закон,

3) да го почитува Статутот, актите и одлуките на Институтот,

4) совесно да ја врши својата професионална дејност,

5)да го чува угледот на професијата и да се придржува кон Законот и Кодексот на етика на професионалните сметководители,

6) редовно да ја плаќа годишната членарина за членството во Институтот и

7)да ги исполнува другите должности утврдени со Законот, овој Статут и актите на Институтот.

  Член 11

(1) Членувањето во Институтот на сметководителот односно овластениот сметководител престанува со негово бришење од соодветниот Регистар.

(2) Сметководителот односно овластениот сметководител се брише од соодветниот Регистар:

1) на сопствено барање,

2) доколку му се изрече дисциплинска мерка времено бришење,

3) доколку му се изрече дисциплинска мерка трајно бришење,

4) доколку при уписот во регистарот дал невистините податоци,

5) доколку професионално не се усовршува,

6) доколку не ја плати годишната членарина,

7)доколку му се изрече прекршочна санкција забрана за вршење на професија или дејност,

8)ако му е одземена деловната способност и

9)во случај на смрт.

(3) На сметководителот односно овластениот сметководител, кому му престанало членството во Институтот, му се издава исписница и должен е да ги подмири своите обврски кон Институтот.

 

  1. ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ НА ИНСТИТУТОТ

Член 12

(1)За да се овозможи активна положба и улога на сите членови од територијата на Република Македонија во остварувањето на работите и задачите на Институтот, Институтот формира подружници на територијален принцип за една или повеќе единици на локална самоуправа.

(2)Подружниците немаат својство на правно лице.

(3)За формирање и престанок на подружниците на Институтот одлучува Собранието на Институтот.

Член 13

(1)Подрачјето на една подружница опфаќа една или повеќе единици на локална самоуправа заедно со населените места кои гравитираат кон нив.

(2)Сметководителите и овластените сметководители со живеалиште или престојувалиште на подрачјето на една подружница го сочинуваат членството на Институтот од таа подружница.

Член 14

(1) Институтот има осум подружници, и тоа:

1)За подрачјето на град Скопје, општините во негов состав и населените места околу нив, со седиште во Скопје,

2)За подрачјето на: Битола, Охрид, Ресен, Струга и други општини и населени места околу нив,  со седиште во Битола,

3)За подрачјето на: Куманово, Крива Паланка, Кратово, Пробиштип, Злетово, и други населени места околу нив, со седиште во Куманово,

4)За подрачјето на: Прилеп, Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод и други општини и населени места околу нив,  со седиште во Прилеп,

5)За подрачјето на: Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и другите општини и населени места околу нив,  со седиште во Тетово,

6)За подрачјето на: Велес, Кавадарци, Неготино, Валандово, Гевгелија, Богданци, Дојран и други општини и населени места околу нив, со седиште во Велес;

7)За подрачјето на: Штип, Кочани, Свети Николе, Виница, Делчево и другите населени места околу нив,  со седиште во Штип и

8)За подрачјето на: Струмица, Берово, Пехчево, Радовиш и други општини и населени места околу нив, со седиште во Струмица.

  Член 15

Работата на подружниците на Институтот се уредува со посебен акт кој го донесува Собранието на предлог на Управниот одбор.

Член 16

Избраните претставници на подружниците во Собранието на Институтот се должни да ги почитуваат и спроведуваат одлуките на Управниот одбор и Собранието.

Член 17

(1)Органи на Институтот се Собрание, Надзорен одбор, Управен одбор и Претседател.

(2) Членовите на органите се избираат од редот на членовите на Институтот.

 

         7.1.  СОБРАНИЕ

 Член 18

(1)Собранието е највисок орган на Институтот.

(2)Собранието на Институтот го сочинуваат сите сметководители и овластени сметководители претставени преку избрани претставници од подружниците на Институтот.

(3)Собранието на Институтот го сочинуваат вкупно 50 претставници од подружниците на Институтот.

(4) Мандатот на секој избран претставник во Собранието на Институтот трае четири години, со можност за повторен избор.

(5)Претставниците во Собранието се избираат од членовите на подружниците на  Институтот.

(6)Бројот на претставниците во Собранието е утврден според територијален принцип на следниот начин:

1)за подружницата од подрачјето од член 14 став (1) точка 1) на овој Статут се избираат 15 члена и

2)за подружниците од член 14 став (1) точки 2), 3), 4), 5), 6), 7) и 8) на овој Статут се избираат по 5 члена.

 Член 19

(1) Собранието ги извршува следните работи и задачи на Институтот:

1) го донесува Статутот на Институтот,

2) ја утврдува висината на членарините,

3) ја утврдува висината на надоместоците за издавање на лиценци за работа,

4) ја донесува програмата за полагање на испит за добивање уверение за сметководител односно овластен сметководител,

5) ја донесува програмата за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,

6) ја утврдува висината на надоместокот за полагање на испит за сметководител односно  овластен сметководител,

7) ја утврдува висината на надоместокот за издавање уверение за овластен сметководител без полагање испит,

8) ја утврдува висината на надоместок за полагање испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство,

9) ги избира и отповикува претседателот и членовите на Надзорниот одбор и на комисиите,

10) ја донесува Годишната програма за континуирано професионално усовршување,

11) го утврдува надоместокот за континуирано професионално усовршување,

12) ја донесува годишната програма за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи,

13) ја донесува Годишната програма за работа и развој и Годишниот финансиски план на Институтот,

14) ги усвојува годишната сметка и годишниот извештајот за работа на Институтот,

15) одлучува за формирање и престанок на подружниците на Институтот,

16) го донесува актот со кој се утврдува висината на платите за вработените во стручната служба,

17)го донесува деловникот за работа на Собранието,

18)донесува други општи  акти во согласност со Законот и Статутот,

19) врши и други работи утврдени со закон или со актите на Институтот.

(2) Актите на Собранието се објавуваат на интернет страницата на Институтот.

Член 20

(1)Работата и начинот на одлучување во Собранието се регулираат со деловник за работа на Собранието.

(2)Собранието на Институтот работи на седници.

(3)Седница на Собранието се свикува по потреба, а најмалку еднаш годишно. Редовната годишна седница на Собранието се одржува најдоцна до 31 март.

(4)Седниците на Собранието ги свикува Претседателот на Институтот врз основа на одлука на Управниот одбор или на писмено барање на најмалку една третина од избраните претставници од подружниците на Собранието на Институтот.

(5)Претседателот на Институтот ќе свика седница на Собранието во рок од 30 дена од донесувањето на одлуката на Управниот одбор, односно од поднесеното писмено барање на избраните претставници од подружниците на Собранието.

Член 21

(1)Седниците на Собранието се свикуваат со покана упатена до претставниците од подружниците на Институтот во рок не пократок од 15 дена пред одржувањето на седницата, преку јавна објава на интернет страницата на Институтот или со достава на адресата на електронска пошта на избраниот претставник од подружницата.

(2)Поканата од став (1) на овој член  содржи предлог точки за дневен ред, место и датум на одржување на седницата и време на почеток на работа на седницата на Собранието, во прилог со материјалите подготвени за седницата на Собранието.

(3) Предлозите за изменување и дополнување на предлог дневниот ред на Собранието се доставуваат до Институтот во писмена форма најдоцна пет дена пред денот на одржување на седницата.

 Член 22

(1)Седниците на Собранието се одржуваат доколку присуствуваат најмалку половина од вкупниот број на избрани претставници од подружниците на Институтот.

(2)Одлуките Собранието ги донесува со просто мнозинство (50% плус еден глас) од присутниот број на избрани претставници на подружниците на седницата.

(3)Секој избран претставник на подружницата има по еден глас при одлучувањето на седниците на Собранието.

(4) Одлуките на Собранието влегуваат во сила со денот на донесувањето, освен ако во одлуката не е утврден друг датум на влегување во сила на одлуката.

Член 23

(1)Со седницата претседава претседавач на Собранието.

(2)Претседавачот на Собранието го избира Управниот одбор.

(3)За претседавач со Собранието не може да биде избран член на Управниот или член на Надзорниот одбор на Институтот.

 

           7.2. НАДЗОРЕН ОДБОР

Член 24

(1)Надзорниот одбор го избира Собранието на Институтот врз основа на  спроведен јавен оглас и претходно добиено позитивно мислење од министерот за финансии.

(2) Надзорниот одбор го сочинуваат претседател и четири члена со мандат од три години.

(3)Мандатот на првиот Надзорен одбор на Институтот избран на основачкото собрание на Институтот е шест години.

(4)Претседателот и членовите на Надзорниот одбор се избираат од редот на членовите на Институтот кои имаат високо образование и уверение за овластен сметководител.

(5)За претседател и член на Надзорниот одбор не може да биде избрано лице на кое му е изречена прекршочна санкција, односно казна забрана за вршење професија, дејност или должност.

(6) Претседателот и членовите на Надзорниот одбор ги избира и отповикува Собранието на Институтот со просто мнозинство од присутниот број на членови на седницата.

(7) Претседателот и членовите на Надзорниот одбор не можат да бидат членови на други органи и комисии на Институтот.

(8) Собранието може пред истекот на мандатот да ги отповика претседателот и членовите на Надзорниот одбор.

(9) Во случај на отповикување на претседателот и членовите на Надзорниот одбор Собранието по можност веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на отповикувањето избира нов претседател и нови членови на Надзорниот одбор.

 Член 25

(1) Надзорниот одбор на Институтот ги врши следните работи и задачи:

1) врши периодични контроли на материјалното и финансиското работење на Институтот,

2) ги избира и отповикува претседателот и членовите на Управниот одбор по претходно позитивно мислење од министерот за финансии,

3) ја разгледува годишната програма за работа и развој и годишниот финансиски план на Институтот и дава мислење по истата до Собранието,

4) ја разгледува годишната сметка и годишниот извештај за работа  на Институтот и дава мислење по истата до Собранието,

5) го одобрува деловникот за работа на Управниот одбор,

6) ги разгледува извештаите за работењето на Управниот одбор,

7) врши  контрола над работењето на Институтот согласно закон,  Статутот и другите акти на Институтот,

8)предлага мерки кои треба да бидат преземени за спроведување и отстранување на неправилностите и незаконитостите во работата на Институтот,

9) поднесува извештај за своето работење до Собранието на Институтот и до министерот за финансии заради нивно информирање,

10) донесува деловник за своето работење и

11) врши други работи согласно Законот, овој Статут и другите акти на Институтот.

Член 26

(1)Работата, начинот на гласање и други прашања во врска со работењето на Надзорниот одбор се уредуваат со деловник за работа, донесен од страна на Надзорниот одбор.

(2)Надзорниот одбор работи и одлучува на седници кои се одржуваат според потребите на работењето, а најмалку еднаш на три месеци.

(3) Седниците на Надзорниот одбор ги свикува и со нив претседава претседателот на Надзорниот одбор.

(4) Доколку претседателот на Надзорниот одбор од кои било причини не е во можност да ја врши функцијата или е отсутен, со седниците на Надзорниот одбор претседава член на Надзорниот одбор избран со мнозинство гласови на присутните членови на Надзорниот одбор.

(5) Надзорниот одбор одлуките ги донесува со јавно гласање и со мнозинство гласови од присутните  членови.

Член 27

(1)Функцијата на член на Надзорен одбор ќе престане:

1)со истек на мандатот;

2)по сопствено барање со поднесување на оставка,

3)со престанување на членството во Институтот, односно бришење од соодветниот Регистар,

4)со одлука на Собранието на Институтот и

5)во случај на трајна спреченост.

(2) По поднесената оставка од страна на член на Надзорниот одбор, не се одлучува за нејзино прифаќање.

(3)Предлог за отповикување на член на Надзорен одбор може да поднесе:

1)мнозинство од членовите на Надзорниот одбор и

2)1/5 од вкупниот број избрани претставници од подружниците во Собранието.

(4)Одлука по предлогот за разрешување на член на Надзорен одбор донесува Собранието на седница со просто мнозинство од присутниот број на избрани претставници од подружниците, која треба да се одржи не подоцна од 3 месеци од денот на поднесување на предлогот. Изборот на нов член на Надзорниот одбор се врши по претходно спроведена постапка согласно Законот за вршење на сметководствени работи за избор на претседател и членови на Надзорниот одбор, и со просто мнозинство гласови од присутниот број на избрани претставници од подружниците на седницата на Собранието.

Член 28

(1)За својата работа Надзорниот одбор е одговорен пред Собранието на Институтот.

(2)Надзорниот одбор најмалку еднаш годишно, а најдоцна до 15 март, поднесува извештај за своето работење до Собранието на Институтот.

 

    7.3. УПРАВЕН ОДБОР

Член 29

(1)Управниот одбор се избира од страна на Надзорниот одбор на Институтот  по претходно добиено позитивно мислење од министерот за финансии.

(2) Управниот одбор го сочинуваат претседател и четири члена со мандат од пет години.

(3)За член на Управен одбор може да биде избран член на Институтот кој има високо образование и уверение за овластен сметководител.

(4)Претседателот на Управниот одбор се избира согласно условите утврдени во Законот.

(5)За претседател и член на Управниот одбор не може да биде избрано лице на кое му е изречена прекршочна санкција, односно казна забрана за вршење професија, дејност или должност.

Член 30

(1)Функцијата на член на Управен одбор ќе престане:

1)со истек на мандатот,

2)по сопствено барање со поднесување на оставка,

3)со престанување на членството во Институтот, односно бришење од соодветниот Регистар,

4)со одлука на Надзорниот одбор и

5)во случај на трајна спреченост.

(2) По поднесената оставка од страна на член на Управниот одбор, не се одлучува за нејзино прифаќање.

(3)Предлог за разрешување на член на Управен одбор може да поднесе:

1)мнозинство од членовите на Управниот одбор и

2)1/3 од вкупниот број членови на Надзорниот одбор.

(4) Во случај на отповикување на претседателот и членовите на Управниот одбор, Надзорниот одбор по можност веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена од денот на отповикувањето избира нов претседател и нови членови на Управниот одбор.

(5)Изборот на нов член на Управниот одбор се врши по претходно спроведена постапка согласно со овој статут и Законот за вршење сметководствена дејност.

Член 31

(1) Управниот одбор на Институтот ги врши следните работи и задачи:

1) ги подготвува и предлага Годишната програма за работа и развој и Годишниот финансиски план на Институтот,

2) ги подготвува годишната сметка и годишниот извештај за работењето на Институтот,

3) ја предлага висината на членарините,

4) ја предлага висината на надоместокот за издавање на лиценци за работа,

5) ја предлага висината на надоместокот за полагање на испит за сметководител односно овластен сметководител,

6) ја предлага висината на надоместокот за добивање уверение за овластен сметководител без полагање испит,

7) ја предлага висината на надоместок за полагање испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство согласно член 16 од  Законот,

8) одлучува за упис и бришење на членовите во регистрите на Институтот,

9) ја предлага Годишната програма за континуирано професионално усовршување,

10) ја предлага Годишната програма за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи ,

11) ја предлага програмата за полагање на испитот за добивање уверение за сметководител односно овластен сметководител,

12) ја предлага програмата за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,

13) ги разгледува извештаите од извршената контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи и покренува дисциплинска постапка или поднесува барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд,

14)ги предлага и утврдува критериумите за утврдување на цената на сметководствените услуги

15) издава и одзема лиценци за работа,

16) ги предлага членовите на  комисиите,

17) го избира секретарот како лице овластено за застапување

18) го донесува Правилникот за организација и систематизација на работните места

19)го предлага актот со кој се утврдува висината на платите за вработените во стручната служба на Институтот,

20) одлучува за прием на донации,

21) се грижи за наплата на членарините,

22) ги извршува одлуките на Собранието на Институтот,

23) го донесува Кодексот на етика на Институтот,

24) дава предлози и соработува со надлежните институции во врска со прописите од областа на сметководството и

25) врши други работи согласно со закон и овој Статут.

Член 32

(1)Работата, начинот на гласање и други прашања во врска со работењето на Управниот одбор се уредуваат со деловник за работа, донесен од страна на Управниот одбор.

(2)Управниот одбор работи на седници кои се одржуваат најмалку еднаш месечно.

(3) Седница на Управниот одбор свикува и со неа раководи претседателот на Управниот одбор. Седница на Управниот одбор може да се свика и на барање членовите на Управниот одбор.

(4) Во случај на спреченост на претседателот неговите должности ги врши најстариот член на Управниот одбор.

(5) Одлуките Управниот одбор ги носи со просто мнозинство гласови од присутните членови на Управниот одбор.

(6) Одлуките на Управниот одбор се објавуваат на интернет страницата на Институтот.

Член 33

 Управниот одбор на секои три месеци до Надзорниот одбор поднесува извештај за своето работење.

 

        7.4. ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ИНСТИТУТОТ

 Член 34

(1)Институтот има претседател.

(2)Претседателот на Институтот истовремено е и претседател на Управниот одбор.

(2) За претседател на Институтот може да биде избрано лице кое ги исполнува следните услови:

1)има уверение за овластен сметководител,

2)има најмалку пет години работно искуство во вршење на сметководствени работи и

3)е државјанин на Република Македонија.

(3)Мандатот на претседателот е пет години.

Член 35

(1)Функцијата Претседател на Институтот ќе престане:

1)со истек на мандатот,

2)по сопствено барање со поднесување на оставка,

3)со престанување на членството во Институтот, односно бришење од соодветниот Регистар,

4)со одлука на Надзорниот одбор и

5)во случај на трајна спреченост.

(2)Предлог за отповикување на Претседателот на Институтот до Надзорниот одбор поднесува најмалку половина од членовите на Управниот одбор или една петина од избраните претставници од подружниците на Собранието на Институтот.

Член 36

(1) Претседателот на Институтот ги врши следните работи и задачи:

1)го претставува и застапува Институтот,

2)се грижи Институтот да работи согласно со закон,

3)ги спроведува одлуките на Собранието на Институтот,

4)ги спроведува одлуките на Управниот одбор на Институтот,

5)потпишува налози за исплата од сметката на Институтот,

6)одлучува по приговори по изречени мерки во дисциплинска постапка,

7)ја извршува одлуката донесена во дисциплинска постапка,

8)врши други работи предвидени со Закон, овој статут и со други акти на Институтот.

 

       7.5. КОМИСИИ НА ИНСТИТУТОТ

Член 37

(1)Заради вршење на работите од својот делокруг Институтот ги формира следните комисии:

1)Дисциплинска комисија

2)Комисија за стандарди за финансиско известување

3)Комисијата за етика

4)Комисијата за образование, обука и публикации

5)Комисијата за спроведување на испит за сметководител или овластен сметководител

6)Комисијата за следење на спроведувањето на контролата на работата

7) Комисија за ревизија на одржаните испити за сметководител или овластен сметководител

8) Други комисии и совети потребни за работата на Институтот

Член 38

(1)Претседателите и членовите на комисиите на Институтот ги избира Собранието на Институтот по пат на јавен оглас и по претходно добиено позитивно мислење од министерот за финансии.

(2)За претседател и член на комисија не може да биде избрано лице на кое му е изречена прекршочна санкција, односно казна забрана за вршење професија, дејност или должност.

(3)Претседател и член на комисијата не можат да бидат членови на други комисии на Институтот.

(4)Претседателите и членовите на комисиите ги избира и разрешува Собранието на Институтот со просто мнозинство од присутниот број на членови на седницата.

Член 39

(1)Работата, начинот на гласање и други прашања во врска со работењето на комисиите се уредуваат со деловник за работа.

(2)На седниците на комисиите можат да бидат повикани и да учествуваат во нивната работа без право на одлучување претставници на заинтересирани органи и организации, како и други стручни, научни и јавни работници.

(3)За да може да работи, на седницата треба да присуствуваат мнозинство членови на комисијата.

(4)Комисиите донесуваат одлуки, ставови, препораки и заклучоци со просто мнозинство гласови од присутните членови.

Член 40

(1)Претседателот на комисијата доставува предлог за разрешување на член на комисијата кој три пати неоправдано отсуствува од седниците на комисијата

(2)Предлогот од став (1) на овој член се доставува до Претседателот на Институтот  заради поведување на постапка за разрешување и избор на член на комисија.

Член 41

(1)Основ за престанок на членство во комисија на Институтот претставува бришењето од соодветниот Регистар кој го води Институтот и писмена оставка или друг основ во согласност со Законот.

Член 42

Комисиите за својата работа му доставуваат квартален извештај на Управниот одбор.

 

      7.5.1. ДИСЦИПЛИНСКА КОМИСИЈА

 Член 43

(1) Дисциплинската комисија  води дисциплинска  постапка согласно Законот.

(2) Дисциплинската комисија е составена од пет члена со мандат од две години.

(3) Дисциплинската постапка се спроведува во согласност со Законот за вршење на сметководствени работи.

 

     7.5.2. КОМИСИЈА ЗА СТАНДАРДИ ЗА ФИНАНСИСКО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Член 44

(1)Комисијата за стандарди за финансиско известување се состои од седум члена со тригодишен мандат, со право на повторен избор.

(2)Комисијата за стандарди за финансиско известување ги врши следните работи и задачи:

1)подготвување на преводи на МСФИ и МСФИ за МСС,

2)следење на измените и дополнувањата, и донесувањето на нови  МСФИ и МСФИ за МСС,

3)подготвување и поднесување, во име на Институтот, коментари на нацрт документи или документи за дискусија, како и одговори на прашалници изготвени од страна на Одборот за меѓународни сметководствени стандарди или други тела и

4)врши и други работи во согласност со одлуките и препораките на Управниот одбор.

 

          7.5.3. КОМИСИЈА ЗА ЕТИКА

Член 45

(1)Комисијата за етика се состои од претседател и четири члена со тригодишен мандат, со право на повторен избор.

(2)Комисијата за етика ги врши следните работи и задачи:

1)се грижи членовите на Институтот да ја вршат својата работа согласно со пропишаните професионални и етички норми,

2)одлучува по етички прашања поднесени од страна на членовите на Институтот,

3)дава мислење за престанување на членство во Институтот во случаите утврдени со Законот,

3)дава препорака за санкции до Управниот одбор, врз основа на извештаи за проверка на работењето,

4)учествува со свое мислење при постоење на повреда на професионалните и етичките норми,

5)ги проверува случаите на прекин на членството поради прекршување на закони и дава препораки за прекин на членството до Управниот одбор за одобрување,

6)разгледување на барања за обнова на членство од страна на поранешни членови, чие членство било прекинато како резултат на неплаќање на членарина и

7)врши и други работи во согласност со одлуките и препораките на Управниот одбор.

 

                7.5.4. КОМИСИЈА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ, ОБУКА И ПУБЛИКАЦИИ

 Член  46

(1)Комисијата за образование, обука и публикации се состои од седум члена, со тригодишен мандат, со право на повторен избор.

(2)Комисијата за образование, обука и публикации врши работи и задачи во согласност со акт донесен од Управниот одбор на Институтот и деловникот за работа.

 

          7.5.5. КОМИСИЈА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИСПИТОТ ЗА СМЕТКОВОДИТЕЛ ИЛИ ОВЛАСТЕН СМЕТКОВОДИТЕЛ

Член  47

(1) Комисија за спроведување на испит за сметководител или овластен сметководител (во натамошниот текст: Комисијата), составена од:

1) двајца претставници овластени од министерот за финансии;

2) еден универзитетски професор и

3) претседателот на Институтот и еден член од Управниот одбор на Институтот.

(2)Начинот на формирање и работење на Комисијата од ставот (1) на овој член поблиску го пропишува Управниот одбор на Институтот.

 

         7.5.6. КОМИСИЈА ЗА РЕВИЗИЈА

Член 48

  • Институтот формира Комисија за ревизија на одржаните испити за сметководител или овластен сметководител. Во Комисијата за ревизија, покрај другите членови, задолжително членуваат и две лица определени од Министерството за финансии.
  • Комисијата се состанува по секоја одржана испитна сесија и врши ревизија на спроведување на испитот, вклучувајќи и дали испитот го полагале кандидати кои ги исполнуваат условите за полагање на испитот согласно со членовите од овој закон, за што доставува извештај до Институтот.
  • Начинот на работа на комисијата се утврдува со акт на Управниот одбор на Институтот

 

  1. ПОСТАПКА ЗА ИЗБОР НА ПРЕТСТАВНИЦИ ОД ПОДРУЖНИЦИТЕ ВО СОБРАНИЕТО НА ИНСТИТУТОТ

 Член 49

(1)Секој сметководител и овластен сметководител - член на Институтот има право да избира и да биде избран за претставник од подружница во Собранието на Институтот според местото на живеење.

 Член 50

(1)Изборите за претставници од подружниците во Собранието се одржуваат во последните 60 дена од мандатот на претходниот состав на членовите на Собранието на Институтот.

(2)Мандатот на секој избран претставник од подружница во Собранието на Институтот трае четири години, со можност за повторен избор.

(3)Во случај на предвремено престанување на мандатот на член на Собранието, се врши избор на друг член од истата подружница согласно член 51 на овој Статут.

Член 51

(1)Изборите ги распишува Управниот одбор со одлука за избор на претставници од подружниците како членови во Собранието на Институтот, најдоцна 60 дена пред истекот на мандатот на претходно избраните претставници од подружниците во постојното Собрание.

(2)Во случај на предвремен истек на мандат на член на Собранието, одлука за избор на нов претставник од подружниците се донесува во рок од 30 дена од денот на престанок на мандатот.

(3)Со одлуката од ставовите (1) и (2) на овој член, се определува датумот за избор на претставници од секоја подружница на Институтот и датумот на завршувањето на изборот, односно датумот на формирање на составот на членовите на Собранието на Институтот.

 (4) Одлуката за одржување на избор на претставници од секоја подружница на Институтот се објавува на интернет страницата на Институтот, со која се информираат членовите на Институтот.

 Член 52

Начинот на гласање и избор на претставници од подружниците во собранието на Институтот се уредува со посебен акт.

 

  1. СТРУЧНА СЛУЖБА НА ИНСТИТУТОТ

Член 53

(1)Стручните, административно-техничките, помошните и другите работи за потребите на Институтот ги врши стручна служба на Институтот.

(2)Стручната служба врши работи поврзани со спроведувањето на Статутот, одлуките, заклучоците и другите акти што ги донесуваат органите и телата на Институтот, ги изготвува одлуките и другите акти на органите на Институтот и врши и други работи во врска со работите и задачите на Институтот.

Член 54

(1)Стручната служба ја сочинуваат секретар и друг стручен персонал кои се вработени во Институтот.

(2)Бројот на вработените во стручната служба, потребните квалификации, условите и описот на работните места во стручната служба се утврдуваат од страна на Управниот одбор со посебен акт - Правилник за организација и систематизација на работните места.

(3)Платата и другите права на вработените во стручната служба на Институтот ги предлага Управниот одбор со посебен Правилник за определување на висината на платите на вработените во стручната служба. Собранието на Институтот го одобрува Правилникот за определување на висината на платите на вработените во стручната служба.

 Член 55

(1)Со стручната служба на Институтот раководи секретар.

(2)Секретарот на Институтот е лице со висока стручна спрема-дипломиран правник или економист со активно познавање на англискиот јазик.

(3)Секретарот се избира преку јавен оглас од страна на Управниот одбор со мнозинство гласови од присутните членови.

(4)Секретарот ја организира и раководи работата на Институтот и стручната служба, му помага на претседателот на Институтот, учествува во подготвувањето на седниците на Собранието, на Управниот одбор и на другите органи на Институтот и врши други работи во согласност со Статутот и Законот.

(5)За својата работа секретарот му одговара на Управниот одбор.

  1. АКТИ НА ИНСТИТУТОТ

Член 56

Акти на Институтот се:

1)Статут;

2) Кодекс на етика на Институтот,

3)Деловник за работа на Собранието,

4)Одлука за висина на членарините,

5) Одлука за висина на надоместоците за издавање на лиценци за работа,

6)Програма за полагање на испит за добивање уверение за сметководител односно овластен сметководител,

7)Програма за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство,

8)Одлука за висината на надоместокот за полагање на испит за сметководител односно  овластен сметководител,

9)Одлука за висината на надоместокот за издавање уверение за овластен сметководител без полагање испит,

10)Одлука за висината на надоместок за полагање испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство,

11)Одлука за избор на претседателот и членовите на Надзорниот одбор и на комисиите,

12)Годишна програма за континуирано професионално усовршување,

13)Одлука за висината на надоместокот за континуирано професионално усовршување,

14)Годишна програма за контрола на работењето на вршителот на сметководствени работи, трговецот поединец-сметководител, трговецот поединец-овластен сметководител и друштвото за вршење сметководствени работи,

15)Годишна програма за работа и развој и годишниот финансиски план на Институтот,

16) Одлука за формирање и престанок на подружниците на Институтот,

17)Правилник за организација и систематизација на работните места,

18)Правилник за определување на висината на платите на вработените во стручната служба,

19)Деловник за работа на Управниот одбор

20)Деловници за работа на органите и комисиите на Институтот и

21)Други акти што ги носи Собранието и другите органи на Институтот врз основа на Законот и овој Статут.

            

  1. ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ НА ИНСТИТУТОТ

Член 57

(1)Финансиското работење на Институтот се врши врз основа на годишниот финансиски план, кој го донесува Собранието на Институтот на предлог на Управниот одбор.

(2) Редовни приходи на Институтот се:

1) годишни членарини од сметководителите и овластените сметководители, односно членовите на Институтот,

2)  надоместоци за издавање  на лиценци за работа,

3) надоместоци за полагање испит за стекнување уверение за сметководител и овластен сметководител,

4) надоместоци за издавање уверенија за овластен сметководител без полагање испит,

5) надоместоци за полагање испит за признавање на професионална квалификација стекната во странство и

6) надоместоци од спроведување на континуираното професионално усовршување.

(3)Останати приходи на Институтот се:

1)приходи од продажба на стручни публикации,

2) донации и

3)наплатени парични казни за изречени дисциплински мерки.

(4)Висината на членарините и надоместоците ги предлага Управниот одбор, а ги утврдува Собранието на Институтот.

(5)Институтот обезбедените средства од став (1) на овој член ги користи согласно годишниот финансиски план.

(6) Нереализираните средства од годишниот финансиски план за тековната години се пренесуваат во годишниот финансиски план за наредната година.

Член 58

(1)Претседателот на Институтот и секретарот на стручната служба на Институтот се овластени да располагаат со средствата на сметката на Институтот согласно одлука на Управниот одбор за регулирање на начин на располагање.

 

  1. СТРУЧНО ОСПОСОБУВАЊЕ И КОНТИНУИРАНО ПРОФЕСИОНАЛНО УСОВРШУВАЊЕ

 Член 59

(1)Испитот за сметководител или овластен сметководител се спроведуваат врз основа на констатирана потреба од страна на Институтот, но најмалку еднаш годишно.

(2) Испитот од став (1) на овој член се спроведува согласно Правилникот за начинот и постапката на полагање на испит за сметководител или овластен сметководител и Програмата за полагање на испит за добивање уверение за сметководител односно овластен сметководител.

Член 60

(1)Институтот по потреба организира и спроведува испит за  признавање на професионална квалификација стекната во странство.

(2) Испитот од став (1) на овој член се спроведува согласно Програмата за одобрување на квалификација за сметководител односно овластен сметководител стекната во странство.

 Член 61

(1)Институтот организира и спроведува обука за професионално усовршување на членовите на Институтот во соработка со други правни лица кои спроведуваат стручно усовршување и едукација од областа на сметководството, финансиите или даноците согласно Годишната програма за континуирано професионално усовршување.

(2) Поблиските критериуми за избор и одлука за избор на правното лице кое ќе спроведува стручно усовршување и едукација од став (1) на овој член утврдува Управниот одбор на Институтот со посебен правен акт.

 

  1. РЕГИСТРИ

 Член 62

(1) Институтот води Регистар на сметководители, Регистар на овластени сметководители, Регистар на трговци поединци - сметководители, Регистар на трговци - поединци овластени сметководители и Регистар на друштва за вршење сметководствени работи.

(2)За сите уписи и бришења од соодветниот Регистар одлучува Управниот одбор на Институтот.

 

  1. СОРАБОТКА НА ИНСТИТУТОТ

 Член 63

Институтот соработува со други професионални организации, институции, државни органи и со меѓународни организации. Соработката се остварува со непосредни контакти, преку размена на информации, објавување на публикации, преку организирање на конгреси, семинари, советувања и сл.

Член 64

Институтот, со одлука на Управниот одбор, може да се зачленува во соодветни меѓународни организации и здруженија.

 

  15. ЧУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ

 Член 65

Регистарот на сметководителите, Регистарот на овластените сметководители, Регистарот на трговците поединци-сметководители, Регистарот на трговците поединци-овластени сметководители и Регистарот на друштвата за вршење сметководствени работи се чуваат трајно, а документите во врска со работењето на Институтот се чуваат десет години.

 

16. ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА СТАТУТ

Член 66

(1)Иницијатива за изменување и дополнување на Статутот можат да поднесат најмалку една третина од избраните претставници од подружниците во Собранието на Институтот или Управниот одбор со одлука.

(2)Предлогот за измена и/или дополнување на Статутот се смета за усвоен ако за него гласало просто мнозинството од присутните избрани претставници од подружниците на седницата на Собранието на Институтот.

(3)Предлогот текстот за измена и/или дополнување на Статутот го изготвуваат стручните служби на Институтот.

Член 67

Толкување на одредбите на овој договор и останатите акти на Институтот дава Управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија.

 

17. ПРЕСТАНУВАЊЕ СО РАБОТА НА ИНСТИТУТОТ              

Член 68

Институтот може да престане со работа само врз основа на закон.

 

18. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 69

Овој статут влегува во сила со денот на неговото донесување.

ЗА НАС

Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија е професионално здружение на сметководителите и овластените сметководители, основано во согласност со Законот за вршење на сметководствена дејност. Институтот се основа со цел унапредување на сметководствената професија и организирано делување.

КОНТАКТ ИНФО

Ѓуро Стругар бр.5
(зграда Технометал Вардар)
кат 1, лок 132/133
1000 Скопје,
Република Македонија

T: +389 (0)2 3200030
E: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.